1Аллах ги слушна зборовите на таа што со тебе за својот маж се расправаше и на Аллах Му се жалеше, а Аллах го слуша вашиот меѓусебен разговор, бидејќи Аллах навистина сè слуша и сè гледа.
2Тие од вас коишто на жените свои ќе им кажат дека веќе не им се допуштени, како што не им се допуштени мајките нивни – а тие не се нивни мајки, мајки нивни се само тие што ги родиле – тие навистина зборуваат лоши зборови и невистина, а Аллах сигурно ги брише гревовите и простува.
3Тие што на жените свои ќе им кажат дека не им се допуштени, како што не им се допуштени мајките нивни, а потоа ќе решат да се вратат на ставот на кој биле пред изречените зборови, должни се, пред едни со други да се допрат, да ослободат еден роб од ропство. Тоа ви се наредува, а Аллах добро го знае тоа што вие го правите.
4Тој што нема да најде, должен е непрекинато да пости два месеца пред еден со друг да се допрат. А тој што не може, должен е да нахрани шеесет сиромашни, за да потврди дека верува во Аллах и во Неговиот Пратеник – тоа ви се Аллаховите прописи. А неверниците ги чека болна казна.
5Навистина, тие што Му се непослушни на Аллах и на Пратеникот Негов ќе бидат посрамотени, како што беа посрамотени и оние пред нив. А Ние објавивме јасни знаци, а неверниците ги чека срамно страдање
6на Денот кога Аллах сите ќе ги оживее, па ќе ги извести за тоа што го правеле; Аллах за тоа сведе пресметка, а тие тоа го заборавија – Аллах е сведок на сè.
7Зарем не знаеш дека Аллах знае што има на небесата и што има на Земјата? Нема тајни разговори меѓу тројца, а Тој да не е четвртиот, ниту меѓу петмина, а Тој да не е шестиот, ни кога се помалку ни кога се повеќе, а Тој да не е со нив каде и да се; Тој на Судниот ден ќе ги извести за тоа што го работеле, бидејќи Аллах сè добро знае.
8Зарем не ги гледаш тие на коишто им е забрането да си дошепнуваат како потоа се враќаат на тоа што им е забрането и си дошепнуваат за гревот и за непријателството и за непослушноста кон Пратеникот. А кога ти доаѓаат те поздравуваат онака како што Аллах никогаш не те поздравил, и меѓу себе велат: „Би требало Аллах веќе еднаш да нè казни за тоа што го зборуваме!“ – Доволен ќе им биде Џехенемот! Во него ќе горат, а тој е грозно живеалиште!
9О, верници, кога меѓу себе тајно ќе разговарате, не разговарајте за гревот и непријателството и непослушноста кон Пратеникот, туку разговарајте за доброчинството и богобојазливоста и плашете се од Аллах, пред Кого ќе бидете собрани.
10Дошепнувањето е шејтанска работа, за да ги растажи тие што веруваат, а тоа не може ним ниту малку да им наштети, освен ако Аллах го допушти тоа. А верниците само на Аллах нека се потпираат!
11О, верници, кога ќе ви се каже: „Направете место за другите таму каде што се седи“ – вие направете, па и вам Аллах место ќе ви направи; а кога ќе ви се каже: „Станете“ – вие станете, и Аллах на високи степени ќе ги воздигне тие што веруваат и на коишто им е дадено знаење. А Аллах добро го знае тоа што го правите.
12О, верници, кога сакате со Пратеникот тајно да разговарате, пред разговорот дадете милостина. Тоа е подобро и почисто за вас. А ако немате – па, Аллах навистина простува и Милостив е.
13Зарем ви е страв пред својот разговор да дадете милостина? А ако не дадете и ако Аллах ви прости, тогаш намазот извршувајте го и зекат давајте и бидете Му покорни на Аллах и на Пратеникот Негов! Аллах добро го знае тоа што вие го правите.
18На Денот во којшто Аллах сите ќе ги оживее тие Нему ќе Му се колнат, како што вам ви се колнат, мислејќи дека тоа нешто ќе им користи. Тие се навистина вистински лажливци.
19Со нив завладеал шејтанот и направил да заборават да Го спомнуваат Аллах. Тие се шејтанова партија, а навистина, тие од шејтановата партија се вистински губитници.
22Луѓето коишто веруваат во Аллах и во оној свет не треба да се сакаат со тие коишто на Аллах и на Пратеникот Негов им се спротивставуваат, па макар и тие да им се татковци нивни, или синови нивни, или браќа нивни, или роднини нивни. Тој на нив им всади верување во срцата нивни и со Светлото Свое ги зајакна, и Тој ќе ги воведе во џенетските градини низ коишто реки течат, за во нив вечно да останат. Аллах е задоволен со нив, а и тие ќе бидат задоволни со Него. Тие се Аллахова партија, а навистина Аллахова партија се тие што сигурно ќе успеат.