1О, верници, исполнувајте ги обврските! Ви се дозволува добитокот, со исклучок на тој за којшто ќе ви биде соопштено. Не ви е дозволено да ловите додека ги извршувате обредите на аџилакот! Навистина, Аллах пропишува што Тој сака.
2О, верници, не ги омаловажувајте Аллаховите обреди на аџилакот, ниту светиот месец, ни курбаните, особено тие со оглав обележани, ниту луѓето кои тргнале кон Светиот Храм сакајќи награда и наклоност од Господарот свој. А кога обредите на аџилакот ќе ги извршите, тогаш смеете да ловите. И омразата што ја имате кон одредени луѓе, затоа што ви го оневозможија пристапот кон Светиот Храм, никако нека не ве наведе да извршите насилство! Едни на други помагајте си во добродетелството и во богобојазливоста, а не соучествувајте во гревот и непријателството; и плашете се од Аллах, бидејќи Аллах страшно казнува!
3Ви се забранува мрша, крв, свинско месо и тоа што е заклано во нечие друго име, а не во Аллаховото, и тоа што е задавено и убиено, и што при пад е загинато, и со рог забодено, или од ѕвер начнато, освен ако сте го заклале пред да умре, и што на жртвениците е жртвувано, и ви се забранува гатање со стрелички. Тоа е порок! Денес неверниците изгубија секаква надеж дека вие од својата вера ќе отпаднете, затоа не плашете се од нив, туку плашете се од Мене. Денес верата ваша ви ја усовршив и благодaтта Своја спрема вас ја надополнив и задоволен Сум исламот да ви биде вера. А на тој што ќе биде принуден, кога има глад, без намера да стори грев, Аллах ќе му прости и Милостив ќе биде.
4Те прашуваат што им се дозволува. Кажи: „Ви се дозволува убавата храна и тоа што ќе ви го уловат животните кои на лов сте ги подучиле, така како што Аллах вас ве научил. Јадете го тоа што тие ќе ви го уловат и споменете Го Аллаховото име при тоа, и плашете се од Аллах, бидејќи Аллах, навистина, брзо ги сведува сметките!“
5Од сега ви се дозволува сета убава храна; и ви се дозволува храната на тие на кои им е дадена Книгата, и вашата храна им е дозволена на нив; и чедните вернички ви се дозволени, и чедните ќерки на тие на кои им е дадена Книгата пред вас, кога нивните венчални дарови ќе им ги дадете со намера со нив да се ожените, а не со нив да блудничите и за љубовници да ги земате. А тој што ќе отпадне од вистинската вера – залудни ќе му бидат делата негови и тој, на оној свет, ќе биде губитник.
6О, верници, кога ќе сакате намазот (молитвата) да го извршите, лицата свои и рацете свои до зад лактите измијте ги – а дел од главите свои допрете ги – и нозете свои до над зглобовите, а ако сте џунуб, тогаш искапете се; а ако сте болни или на пат или ако сте извршиле физиолошка потреба или ако со сопругите сте се состанувале, а не можете да најдете вода, тогаш со рацете свои чиста земја допрете и со нив допрете ги лицата свои и рацете свои. Аллах не сака да ви причинува потешкотии, туку сака чисти да ве направи и благодaтта Своја да ви ја надополни, за да бидете благодарни!
7И сетете се на Аллаховата милост со која ве опсипа и на заветот со кој ве обврза, кога рековте: „Слушаме и се покоруваме!“ И плашете се од Аллах, бидејќи Аллах ги знае мислите сечии!
8О, верници, должностите кон Аллах извршувајте ги и праведно сведочете! Омразата која кон некои луѓе ја имате нека не ве натера неправедни да бидете! Праведни бидете, тоа е најблиску до богобојазливоста, и плашете се од Аллах, бидејќи Аллах добро знае што правите!
11О, верници, сетете се на Аллаховата благодaт кон вас во моментот кога некои луѓе сакаа да посегнат по вас, а Тој ги задржа рацете нивни. И плашете се од Аллах, а верниците само на Аллах нека се потпираат!
12Аллах го прифати заветот на синовите Израилови – а меѓу нив поставивме дванаесет старешини – и Аллах рече: „Јас сум со вас! Ако молитвата ја извршувате и милостина давате, и ако во Пратениците Мои верувате, и ако им помагате и ако драговолно заем на Аллах Му давате, сигурно ќе преминам преку лошите постапки ваши и ќе ве воведам во џенетските градини низ кои течат реки. А тој меѓу вас кој ниту после ова нема да верува, од Вистинскиот пат скршнал!“
13Но, бидејќи заветот свој го прекршија, Ние ги проколнавме и срцата нивни крути ги сторивме. Тие, зборовите од местото на кое што беа ги отстрануваа, а добар дел од тоа со што беа опоменувани го изоставија. И ти кај нив, освен кај малкумина од нив, непрекинато на ерес ќе наидуваш, но прости им и не карај ги! Аллах, навистина, ги сака добродетелите.
14Ние заветот го прифативме и од тие што велат: „Ние сме христијани!“ – но и тие, голем дел од тоа со што беа опоменувани го изоставија, затоа меѓу нив вметнавме непријателство и омраза сè до Судниот ден; а Аллах сигурно ќе ги извести за тоа што го правеа.
15О, следбеници на Книгата, ви дојде Пратеник Наш да ви укаже на многу нешта кои вие од Книгата ги криете, а преку многу и ќе помине! А од Аллах ви доаѓа светлина и Книга јасна
16со која Аллах ги упатува на патиштата на спасението тие што настојуваат да го стекнат задоволството Негово и ги изведува, според волјата Своја, од темнината на светлина и ги упатува на Правиот пат.
17Неверници се тие што велат: „Бог е Месих, синот Мерјемин!“ Кажи: „Кој може да Го спречи Аллах, ако сака, да го уништи Месих, синот Мерјемин, и мајката негова, и сите што се на Земјата? Аллахова е власта и на небесата и на Земјата и на тоа што е помеѓу нив! Тој создава што сака и Аллах може сè.
18И eвреите и христијаните велат: „Ние сме деца Божји и миленици Негови.“ Кажи: „Па тогаш зошто Тој ве казнува поради гревовите ваши?“ А не е така! Вие сте како и останатите луѓе кои Тој ги создава: кому сака Тој ќе му прости, а кого сака Тој ќе го казни. Аллахова е власта на небесата и на Земјата и на тоа што е помеѓу нив, и Нему сите ќе Му се вратат.
19О, следбеници на Книгата, ви дојде Пратеникот Наш – откако некое време е прекинато испраќањето Пратеници – да ви објасни, за да не кажете: „Не ни дојде ниту тој што носи радосни вести, ниту тој што опоменува!“ Па ете, ви дојде тој што носи радосни вести и што опоменува! А Аллах може сè.
20А кога Муса му рече на народот свој: „О, народе мој, сетете се на Аллаховата благодaт кон вас, кога некои од вас веровесници ги направи, а многумина од вас владетели, и ви го даде тоа што на ниту еден народ не му го дал!
22Тие рекоа: „О, Муса! Во неа има немилосрден народ и ние во неа нема да влеземе сè додека тие од неа не излезат; па, ако тие излезат од неа, тогаш ние сигурно ќе влеземе.“
23Двајца мажи, кои од Аллах се плашеа и на кои Тој им ја подари милоста Своја, рекоа: „Навалете им на портата, па кога низ неа ќе поминете, сигурно ќе бидете победници; а на Аллах потпрете се, ако сте верници!“
27И раскажи им за двајцата Адемови синови, така како што беше, кога тие двајцата жртва принесоа, па кога од едниот беше примена, а од другиот не, па рече: „Сигурно ќе те убијам!“ „Аллах прима само од богобојазливите!“ – рече првиот.
28„И кога би ја пружил ти раката кон мене за да ме убиеш, јас не би ја пружил својата кон тебе за да те убијам, бидејќи јас се плашам од Аллах, Господарот на световите.
31Тогаш Аллах испрати гавран да копа по земјата за да му покаже како да го закопа мртвото тело на својот брат. „Тешко мене!“ – рече тој – „зарем и јас не можам, како овој гавран, да го закопам мртвото тело на својот брат?!“ И се покаја.
32Заради тоа Ние им пропишавме на синовите Израилови: ако некој убие некого кој не убил никого, или таков што не прави неред на Земјата – како сите луѓе да ги убил; а ако некој биде причина за нечиј живот да се сочува – како на сите луѓе животот да им го сочувал! Нашите Пратеници јасни докази им носеа, но многумина од нив, и покрај тоа, на Земјата сите граници на злото ги преминуваа.
33Казната за тие кои против Аллах и Пратеникот Негов војуваат и кои неред на Земјата чинат е: да бидат убиени, или распнати, или вкрстено рацете и нозете да им се отсечат или од земјата да се прогонат! Тоа им е понижување на овој свет, а на оној свет ги чека големо страдање,
36Кога сè што е на Земјата би било во посед на неверниците, и уште толку, и би сакале да се откупат од страдањата на оној свет, не би им се уважило. Нив ги чека неиздржлива мака!
38На крадецот и на крадачката отсечете им ги рацете нивни, тоа нека им биде казна за тоа што го сториле и опомена од Аллах! А Аллах е Силниот и Мудриот!
41О, Пратенику, нека не те загрижува тоа што брзо го покажуваат неверувањето тие кои со устите свои велат „веруваме“, а со срцето не веруваат, и eвреите кои измислиците многу ги слушаат и кои туѓите зборови радо ги прифаќаат, а кај тебе не доаѓаат, кои смислата на зборовите од местата нивни ги извртуваат и велат: „Ако вака ви се пресуди, тогаш прифатете, а ако не ви се пресуди, тогаш не прифаќајте!“ А кого Аллах сака во заблуда да го остави, ти наспроти Аллах не можеш никако да му помогнеш. Тоа се тие чиишто срца Аллах не сака да ги исчисти; нив на овој свет ги чека понижување, а на оној свет големо страдање!
42Тие многу лаги слушаат и тоа што е забрането радо го јадат; па ако ти дојдат, ти или пресуди им или тргни се од нив; ако се тргнеш од нив, тие не можат ни малку да ти наштетат. А ако им судиш, пресуди им праведно бидејќи Аллах ги сака праведните!
43А од каде тоа тие да ти бараат да им судиш кога го имаат Тевратот, во кој има Аллахови прописи? Тие ни по пресудата твоја не би биле задоволни бидејќи не се никакви верници!
44Ние го објавивме Тевратот, кој содржи упатство и светлина. Според него на eвреите им судеа веровесниците, кои Му беа послушни на Аллах и честити луѓе, и учени, од кои е барано да ја чуваат Аллаховата Книга, и тие над неа бдееја. Затоа, кога ќе судите, не плашете се од луѓето, туку плашете се од Мене, и не заменувајте ги зборовите Мои за нешто што малку вреди! А тие што не судат според тоа што Аллах го објавил, тие се вистински неверници!
45Ние во него им пропишавме: глава за глава, и око за око, и нос за нос, и уво за уво, и заб за заб, а и раните треба да се возвратат. А тој што ќе се откаже од одмаздата, тоа ќе му биде искупување од гревовите. Тие што не судат според тоа што Аллах го објавил се вистински насилници!
46После нив, го испративме Иса, синот Мерјемин, кој го признаваше Тевратот, пред него објавен, а нему му го дадовме Инџилот, во кој имаше упатство и светлина, и да го потврди Тевратот, пред него објавен, во кој исто така имаше упатство и поука за тие кои од Аллах се плашеа,
47и на следбениците на Инџилот им наредивме да судат според тоа што Аллах го објавил во него. Тие што не судеа според тоа што Аллах го објавил се вистински грешници!
48А тебе ти објавуваме Книга, со Вистината, да ги потврди книгите пред неа објавени и над нив да бдее. И ти суди им според тоа што го објавува Аллах и не следи ги желбите нивни, и не отстапувај од Вистината која ти доаѓа; на сите вас закон и правец ви пропишавме! А да сакаше Аллах, ќе ве направеше следбеници на една вера, но, Тој сака да ве искуша во тоа што ви го пропишува, затоа натпреварувајте се кој повеќе добрини ќе прави; кај Аллах сите ќе се вратите, па Тој ќе ве извести за тоа за што не се согласувавте.
49И суди им според тоа што Аллах го објавува и не следи ги желбите нивни, и чувај се од нив да не те одвратат од нешто што Аллах ти го објавува! А ако ти свртат грб, тогаш знај дека Аллах сака, поради некои гревови нивни, да ги казни. А многумина од луѓето се, навистина, грешници.
51О, верници, не земајте ги за заштитници eвреите и христијаните! Тие се заштитници на самите себеси! А нивен е и тој меѓу вас кој за заштитници ќе ги прифати; Аллах, навистина, нема да им укаже на Вистинскиот пат на луѓето кои сами на себе неправда си чинат!
52Затоа ти ги гледаш тие чии срца се болни како брзаат да склопат пријателство со нив, велејќи: „Се плашиме некаква неволја да не нè снајде.“ А Аллах сигурно победа или нешто друго од Себе ќе даде, па тие ќе се каат поради тоа што во душите свои го криеја,
53а тие што веруваат ќе речат: „Зарем тоа се тие што се колнеа во Аллах, со својата најтешка заклетва дека навистина се со вас?“ Делата нивни ќе бидат поништени, и тие ќе настрадаат!
54О, верници, ако некој од вас од верата своја отпадне, – па Аллах сигурно наместо нив ќе доведе луѓе кои Тој ги сака и кои Него Го сакаат, понизни кон верниците, а горди кон неверниците; тие на Аллаховиот пат ќе се борат и од ничиј прекор нема да се плашат! Тоа е Аллаховиот дар, кој Тој го дава кому сака, а Аллах е неизмерно добар и знае сè!
57О, верници, не пријателувајте со тие кои верата ваша за потсмев и забава ја земаат, било да се тие на кои им е дадена Книгата пред вас, или да се идолопоклоници, – и од Аллах плашете се ако сте верници!
59Кажи: „О, следбеници на Книгата, зарем нас да нè осудувате поради тоа што веруваме во Аллах и во тоа што ни се објавува, и во тоа што е објавено претходно, а повеќето сте грешници?“
60Кажи: „Сакате ли да ви кажам кои се полоши од таквите и кои Аллах уште потешко ќе ги казни? Тие кои Аллах ги проколнал и на кои се разгневил и во мајмуни и свињи ги претворил, тие кои на тагутот му робувале – нив ги чека најлошото место, бидејќи тие најдалеку од Вистинскиот пат заталкале.“
64Евреите велат: „Аллаховата рака е стисната!“ Стиснати да се рацете нивни и проклети да се поради тоа што го велат! Не, двете Негови раце се отворени, Тој дава колку што сака! А тоа што ти го објавува Господарот твој ќе ја зголеми осиленоста и неверувањето кај многумина од нив. Ние вметнавме меѓу нив непријателство и омраза сè до Крајот на светот. Кога и да се обидат да го потпалат огнот на војната, Аллах го гасне. Тие настојуваат на Земјата пакост да прават, а Аллах не ги сака пакосниците.
65А следбениците на Книгата да веруваат и од гревови да се чуваат, Ние би поминале преку лошите постапки нивни и сигурно би ги внеле во џенетските градини на уживањето.
66Да се придржуваат кон Тевратот и Инџилот и до тоа што им го објавува Господарот нивен, би имале што да јадат, и од тоа што е над нив и од тоа што е под нозете нивни. Има и умерени меѓу нив, но лошо е тоа што повеќето од нив го прават!
67О, Пратенику, кажувај го тоа што ти се објавува од Господарот твој! Ако не го сториш тоа, тогаш не си ја доставил Објавата Негова, а Аллах од луѓето ќе те штити. Аллах навистина нема да му укаже на Вистинскиот пат на народот кој не сака да верува.
68Кажи: „О, следбеници на Книгата, вие немате никаква вера доколку не се придржувате до Тевратот, Инџилот и до тоа што ви го објавува Господарот ваш!“ А тоа што ти го објавува Господарот твој на повеќето од нив ќе им ја зголеми осиленоста и неверувањето, но, ти не очајувај поради народот кој не сака да верува.
69Тие што веруваа, па тие што беа eвреи, и Сабијци, и христијани – тие што во Аллах и во оној свет веруваа и правеа добри дела – од ништо нема да се плашат и за ништо нема да тагуваат.
70Ние од синовите Израилови завет зедовме и Пратеници им праќавме. Кога и да им донесеше некој Пратеник нешто што не им годеше на душите нивни, некои од нив за лаги ги клеветеа, а другите ги убиваа.
71Мислеа дека нема да бидат ставени на маки, па беа и слепи и глуви, и тогаш кога Аллах го прими покајанието нивно, многумина од нив повторно беа и слепи и глуви; а Аллах добро го гледа тоа што тие го прават.
72Неверници се тие што велат: „Бог е Месих, синот Мерјемин!“ А Месих говореше: „О, синови Израилови, обожувајте Го само Аллах, и мојот и вашиот Господар!“ Кој на Аллах ќе Му припишува здруженик, Аллах ќе му го забрани влезот во Џенетот и неговото живеалиште ќе биде Џехенемот; а на злосторниците нема никој да им помогне!
73Неверници се тие што велат: „Бог е дел од тројството!“ А само еден е Бог! И доколку тие не се откажат од тоа што го велат, неиздржливо страдање, навистина, ќе го стигне секој од нив кој неверник ќе остане.
75Месих, синот Мерјемин, е само Пратеник, и пред него доаѓаа и заминуваа Пратеници, а мајката негова беше вистинољубива; и двајцата јадеа храна. Погледни како Ние изнесуваме јасни докази и потоа погледни ги нив како се одметнуваат.
76Кажи: „Како можете, освен Аллах, да обожувате некого кој не е во состојба ни да ви наштети ни да ви биде од корист, а Аллах е Тој што сè слуша и сè знае?“
77Кажи: „О, следбеници на Книгата, не застранувајте во верувањето свое, спротивно на вистината, и не следете ги страстите на луѓето кои уште одамна заталкале, и многумина во заблуда одвеле, и самите од Вистинскиот пат скршнале!“
78Со јазикот на Давуд и на Иса, синот Мерјемин, проколнати се тие од синовите Израилови кои не веруваа, затоа што се бунтуваа и границите на злото секогаш ги поминуваа,
80Ти гледаш како многумина од нив пријателуваат со многубошците. Лошо е тоа што самите себеси си го подготвуваат: Аллах на нив да се разгневи и во страдание вечно да останат.
82Ти сигурно ќе видиш дека на верниците најлути непријатели им се eвреите и многубошците; и секако ќе видиш дека на верниците најблиски пријатели им се тие што велат: „Ние сме христијани!“, затоа што меѓу нив има свештеници и монаси, и затоа што тие не се вообразени.
83Кога го слушаат тоа што му се објавува на Пратеникот, гледаш како им течат солзи од очите бидејќи знаат дека тоа е Вистина, па велат: „Господару наш, ние веруваме, па запиши нè и нас меѓу тие што посведочиле!
85Како награда поради тоа што го велат, Аллах ќе им даде џенетски градини, низ кои реки течат, во кои вечно ќе престојуваат; а тоа ќе биде награда за сите што прават добри дела!
89Аллах нема да ве казни ако ненамерно се заколнете, но ќе ве казни ако намерно се заколнете. Откуп за прекршената заклетва е: да нахраните десет сиромаси со обична храна со која ги храните своите семејства, или да ги облечете, или роб од ропство да ослободите. А тој што нема да може, нека пости три дена. Така за заклетвите ваши откупувајте се кога ќе се заколнете; а за заклетвите ваши грижете се! Ете, така Аллах ви ги објаснува прописите Свои, за да бидете благодарни!
91Шејтанот сака со помош на виното и коцката меѓу вас да внесе непријателство и омраза, и да ве одврати од сеќавање на Аллах и од извршување на намазот (молитвата). Па, ќе престанете ли?
92И бидете Му послушни на Аллах и бидете му послушни на Пратеникот и бидете внимателни! А ако главите ги свртите, тогаш знајте дека Пратеникот Наш е должен само јасно да обзнани.
93Тие што веруваат и добри дела прават немаат никаков грев во тоа што го изеле и испиле пред забраната кога се чуваат од тоа што им е забрането и кога веруваат и добри дела прават, а потоа пак се плашат од Аллах и веруваат и од гревовите се чуваат и добрини прават. А Аллах ги сака тие што на другите добрина им прават.
94О, верници, Аллах ќе ве доведува во искушение со дивечот кој ќе биде на дофат на рацете ваши и копјата ваши, за Аллах да укаже на тој што од Него се плаши кога никој не го гледа. А тој што и после тоа насилство ќе стори, го чека болно страдание.
95О, верници, не убивајте го дивечот додека сте во ихрами! Тој што намерно ќе убие, казната му е едно домашно животно, чија вредност ќе ја проценат двајца ваши праведни луѓе, како курбан да заколе покрај Ќаба, или да се искупи така што ќе нахрани сиромашни или ќе пости, за да ја осети погубноста на постапката своја. А Аллах веќе го простил тоа што било. Тој што повторно ќе го стори тоа, Аллах ќе го казни! Аллах е Силен и Строг!
96Вам ви се допушта во морето да ловите и уловот да го јадете, со него вие и патниците да се користите, а ви се забранува на копно да ловите додека обредите на аџилакот ги извршувате. И плашете се од Аллах, пред Кого ќе се соберете!
97Аллах ја направил Ќаба, Светиот Храм, да биде препород за луѓето, а така и светиот месец и курбаните, особено тие со оглав означени, за да знаете дека на Аллах Му е познато тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата, дека Аллах, навистина, знае сè.
100Кажи: „Не е исто тоа што е забрането и тоа што е дозволено, иако те изненадува мноштвото од забранетото. Затоа плашете се од Аллах, о, вие кои сте обдарени со разум, за да го постигнете тоа што го сакате.
101О, верници, не прашувајте за тоа што ќе ви причини непријатност ако ви се објасни; а ако прашате за тоа додека Куранот се објавува, ќе ви се објасни; тоа претходното Аллах веќе ви го прости. А Аллах простува и Благ е!
103Аллах не пропишал да се сечат ушите од камилата која донела на свет пет младенчиња, ниту да се ослободи во име на некој идол, ниту да се жртвуваат овци кои петпати донеле на свет близначиња или пак камилата која петпати донела на свет машко; тоа тие што не веруваат за Аллах кажуваат лаги и мноштвото од нив немаат памет.
104А кога ќе им се каже: „Пристапете кон тоа што ви го објавува Аллах и кон Пратеникот!“, тие одговараат: „Доволно ни е тоа што од предците наши сме го запомниле.“ Зарем и ако предците нивни ништо не знаеjа и ако на Вистинскиот пат не беа?!
105О, верници, грижете се за себе; ако сте на Вистинскиот пат, нема да ви наштети тој што заталкал! Кај Аллах сите ќе се вратите и Тој ќе ве извести за тоа што сте го правеле.
106О, верници, кога ќе ви се приближи смртта, при диктирање на тестаментот нека ви посведочат двајца праведни роднини ваши или некои други двајца, кои не се ваши, – ако сте на пат, а се појават знаци на смртта. А ако се посомневате, задржете ги по извршениот намаз (молитва) и нека се заколнат во Аллах: „Ние заклетвата за ниедна цена нема да ја продадеме, дури и да се работи за некој роднина и сведочењето кое Аллах го пропишал нема да го ускратиме, бидејќи тогаш, навистина, би биле грешници!“
107А ако се открие дека тие двајца згрешиле, тогаш нив ќе ги заменат други двајца од тие на кои штетата им е нанесена, и нека се заколнат во Аллах: „Нашите заклетви се поверодостојни од заклетвите нивни, ние не се заколнавме лажно, бидејќи тогаш, навистина, би биле неправедни!“
108Тоа е најблиску до тоа дека ќе го извршат сведочењето свое така како што треба, и да не се плашат дека нивните заклетви со други заклетви ќе бидат побиени. И плашете се од Аллах и слушајте! А Аллах нема да им укаже на Вистинскиот пат на луѓето кои се големи грешници!
110Кога Аллах ќе каже: „О, Иса, сине Мерјемин, сети се на благодaтта Моја кон тебе и кон мајката твоја: кога со Џибрил те помогнав, па со луѓето уште од колевка и како зрел маж разговараше; и кога на писменост и на мудрост, и на Тевратот и на Инџилот те научив; и кога со волјата Моја од глина направи нешто како птица и во неа вдахна, и кога таа со волјата Моја стана птица; и кога со волјата Моја од раѓање слеп и лепрозен исцелуваше; и кога со волјата Моја мртвите ги креваше; и кога од тебе синовите Израилови ги одбив, кога јасни докази им донесе, па тие меѓу нив кои не веруваа – викнаа: ,Ова не е ништо друго туку вистинска маѓија!‘“
112А кога учениците рекоа: „О, Иса, сине Мерјемин, може ли Господарот твој трпеза од небо да ни спушти?“ – тој рече: „Плашете се од Аллах ако сте верници!“
113„Ние сакаме“ – рекоа тие – „од неа да јадеме и нашите срца да бидат смирени и да се увериме дека вистината ни ја зборуваше, и за неа да бидеме сведоци.“
114Иса, синот Мерјемин, рече: „О, Аллаху, Господару наш, спушти ни од небо трпеза да ни биде празник, и на првите од нас и на подоцнежните, и чудо Твое, и снабди нè, а Ти си најдобриот Снабдувач!“
116А кога Аллах ќе рече: „О, Иса, сине Мерјемин, ти ли им говореше на луѓето: ,Прифатете ме мене и мајката моја како две божества покрај Бог?‘“ – тој ќе рече: „Чист си Ти од тоа! Мене не ми доликува да зборувам за тоа што немам право. Ако тоа јас сум го говорел, Ти тоа веќе го знаеш; Ти знаеш што има во мене, а јас не знам што има во Тебе; Само Ти, Единиот, знаеш сè што е скриено!
117Јас им го велев само тоа што Ти им го нареди: ,Обожувајте Го Бога, и мојот и вашиот Господар!‘ И јас бдеев над нив додека бев меѓу нив, а кога Ти кај Себе ме зеде, само Ти ги наѕрнуваше; Ти бдееш над сè!
119Аллах ќе рече: „Ова е Денот во кој на искрените искреноста нивна ќе им биде од корист; ним ќе им припаднат џенетските градини низ кои реки течат; вечно и довека во нив ќе останат. Аллах ќе биде задоволен со нив, а и тие со Него. Тоа голем успех ќе биде!“