1Сета благодарност Му припаѓа на Аллах, Кој небесата и Земјата ги создаде и темнини и светлина даде, па повторно тие што не веруваат – други со Господарот свој изедначуваат!
6Зарем тие не знаат колку народи пред нив Ние уништивме, на кои на Земјата им дававме можности какви вам не сме ви дале и на кои дожд обилен им испраќавме и дадовме реки покрај нив да течат, па, поради гревовите нивни ги уништувавме, и други поколенија, по нив, создававме.
7А и Книга на хартија да ти спуштевме и тие со рацете свои да ја опипаа, сигурно тие што не сакаат да веруваат повторно ќе речеа: „Ова не е ништо друго освен вистинска маѓија“.
12Прашај: „Чие е сето тоа што е на небесата и на Земјата?“ – и одговори: „Аллахово!“ Тој Себеси си пропишал да биде милостив. Тој на Судниот ден ќе ве собере, во тоа нема никаков сомнеж; тие што себеси се упропастиле, па, тие нема да веруваат.
14Кажи: „Зарем за заштитник да земам некој друг освен Аллах, Создателот на небесата и на Земјата? Тој храни, а Него никој не Го храни!“ Кажи: „Мене ми е наредено да бидам прв меѓу тие што се покоруваат“, – и: „Никако немој да бидеш од многубошците!“
19Кажи: „Кој е најголемиот по сведочењето?“ – и одговори: „Аллах, Тој меѓу мене и вас сведок ќе биде. А мене овој Куран ми се објавува за со него вас и тие до кои тој ќе допре да ги опоменам. Зарем вие, навистина, тврдите дека покрај Аллах има и други божества?“ Кажи: „Јас не тврдам!“ Кажи: „Само Тој е Бог, и јас немам ништо со тоа што вие Му здружувате Нему.“
20Тие на кои Книгата им ја дадовме го познаваат Пратеникот како што ги познаваат синовите свои; тие кои себеси се упропастија, па, тие нема да веруваат.
25Има такви кои доаѓаат да те слушаат, но Ние на срцата нивни перде им ставивме, за да не го разберат Куранот, и глуви ги направивме, па и сите докази да ги виделе, повторно во нив не би поверувале. А кога доаѓаат со тебе да се расправаат, тие што не веруваат велат: „Тоа се само измислици на дамнешните народи!“
27А да ти се даде да ги видиш како, кога пред Огнот ќе бидат задржани, ќе речат: „Камо да бевме вратени, па доказите на Господарот наш да не ги негираме и верници да станеме!“
28Не, не! На нив очигледно ќе им стане тоа што претходно го криеја; а и кога би биле вратени, повторно би продолжиле да го прават тоа што им беше забрането, бидејќи тие се навистина лажговци,
30А да ти се даде да ги видиш како, кога пред Господарот свој ќе бидат запрени и кога Тој ќе ги запраша: „Зарем ова не е вистина?“ – ќе одговорат: „Да, се колнеме во Господарот наш!“ – а и како Тој ќе каже: „Е па искусете ја тогаш казната заради тоа што не верувавте!“
31Тие што не веруваат дека пред Аллах ќе застанат, ќе настрадаат кога ненадејно Часот на оживувањето ќе им дојде, и ќе речат: „О, мако наша, што сè на Земјата пропуштивме!“ и гревовите свои на грбовите свои ќе ги носат, а ужасно е тоа што ќе го натоварат!
33Ние знаеме дека тебе, навистина те растажува тоа што тие го говорат. Тие, навистина, не те обвинуваат тебе дека ти си лажливец, туку неверниците ги негираат Аллаховите зборови.
34А Пратениците и пред тебе за лажни беа сметани, па трпеа што за лаги ги клеветеа и што ги мачеа сè додека не им дојде помошта Наша – а никој не може Аллаховите зборови да ги измени – и до тебе допреа некои вести за Пратениците.
35Ако ти е тешко тоа што тие се свртуваат, тогаш, ако можеш, побарај каков било отвор во Земјата или скалила на небото, па донеси им едно чудо! Да сака Аллах, Тој сите на Вистинскиот пат би ги собрал; затоа немој никако да бидеш од тие што не знаат!
38Сите животни кои по Земјата одат и сите птици кои со крилјата свои летаат се светови како вас – во Книгата Ние ништо не изоставивме – и потоа ќе се соберат пред својот Господар.
40Кажи: „Кажете ми вие мене, ако вистината ја зборувате, кога би ви дошла Аллаховата казна или би ве изненадил Крајот на светот, дали, некој друг освен Аллах би повикувале?“
43Требаше послушни да станат кога казната Наша ќе им дојдеше! Но, срцата нивни остануваа тврди, а шејтанот им го прикажуваше како убаво тоа што го правеа.
44И кога ќе го заборавеа тоа со што беа опоменувани, Ние портите на сите добри нешта ќе им ги отворевме, а кога на тоа што им е дадено ќе се израдуваа, ненадејно ќе ги казневме и тие одеднаш ќе изгубеа надеж,
46Кажи: „Кажете ми вие мене, ако Аллах ве лиши од слухот ваш и од видот ваш и ако срцата ваши ги запечати, кој бог, освен Аллах, тоа би ви го вратил?“ Погледни како изнесуваме докази, а тие повторно се свртуваат.
48Ние испраќаме Пратеници само за да носат радосни вести и за да опоменуваат; затоа нека не се плашат од ништо и за ништо нека не тагуваат тие што веруваат и прават добри дела!
50Кажи: „Јас не ви велам: ‚Кај мене се Аллаховите ризници.‘, ниту: ‚Мене ми е познат невидливиот свет‘, ниту ви велам: ‚Јас сум мелек‘ – јас го следам само тоа што ми се објавува.“ Кажи: „Зарем се исти слепиот и тој што гледа? Зошто не размислите?“
51И опоменувај ги со Куранот тие што стравуваат што пред Господарот свој собрани ќе бидат, кога освен Него ни заштитник ниту посредник нема да имаат – за да се плашат од Аллах!
52И не терај ги од себе тие кои наутро и навечер на Господарот свој Му се молат посакувајќи го лицето Негово, ти нема за нив да одговараш, а ни тие нема за тебе да одговараат, затоа што, кога би ги истерал, насилник би бил.
53И така Ние едни со други ве искушуваме за да речат неверниците: „Зарем тоа се тие на кои Аллах, помеѓу нас, милост им укажа?“ А зарем Аллах не ги познава добро тие што се благодарни?!
54А кога ќе ти дојдат тие кои во зборовите Наши веруваат, ти кажи: „Мир со вас!“ Господарот ваш самиот на Себеси си пропиша да биде Милостив: ако некој од вас стори лошо дело од небрежност, па потоа се покае и се поправи, па, Аллах, навистина, ќе прости и Милостив ќе биде.
56Кажи: „Мене ми е забрането да ги обожувам тие на кои вие, покрај Аллах, ги молите“. Кажи: „Јас не ги следам желбите ваши, бидејќи тогаш би заталкал и не би бил на Вистинскиот пат“.
57Кажи: „Јас сум на Јасното Упатство од Господарот мој, а вие го негирате. Не е во моја власт тоа што вие го избрзувате; само Аллах се прашува, Тој суди според правдата и Тој е најдобриот судија.“
59Кај Него се клучевите на сите тајни, само Тој ги знае, и Тој Единиот знае што има на копното и што е во морето, и ниту еден лист не паѓа, а Тој за него да не знае; и нема зрно во темнините на Земјата, ниту нешто посвежо ниту нешто посуво, ништо што не е во Јасната Книга.
60Тој ноќе ве умртвува – а знае што сте правеле преку ден – потоа ве буди, сè додека не дојде часот на смртта. На крајот, Нему ќе Му се вратите и Тој ќе ве извести за тоа што сте го правеле.
63Кажи: „Кој од стравотиите на копното и на морето ве избавува кога и јавно и тајно понизно Му се молите: ‚Ако Тој нè избави од ова, сигурно ќе бидеме благодарни!‘“
65Кажи: „Тој е способен да испрати казна против вас, над вашите глави или под вашите нозе или во групи да ве подели и да направи силата меѓусебно да ја искусите“. Погледни само како Ние детално изнесуваме докази за тие да се вразумат!
68Кога ќе ги видиш тие што на Нашите зборови се потсмеваат, биди далеку од нив сè додека не ги променат зборовите. А ако шејтанот те наведе да заборавиш, тогаш не седи со насилниците кога ќе се сетиш.
70Остави ги тие што својата вера како игра и забава ја земаат, и кои животот на овој свет ги измамил, а опоменувај со Куранот за да не страда човекот поради тоа што го прави, бидејќи освен Аллах, ни заштитник ни посредник нема да има, бидејќи од него никаква откупнина нема да се прими. Тие, поради тоа што го правеа, во маки ќе бидат држени; нив ги чека пијалак од зовриена вода и неподносливо страдање, затоа што не веруваа!
71Кажи: „Зарем, покрај Аллах, да ги молиме тие што не можат никаква корист да ни направат ниту некоја штета да отстранат, па да бидеме вратени по стапките наши – а Аллах веќе нè упатил – и да бидеме како тој кого на Земјата шејтаните го завеле па ништо не знае, а кого другарите негови го повикуваат на Вистинскиот пат: ‚Дојди кај нас!‘“ Кажи: „Аллаховото упатство е Вистинско упатство, и нам ни е наредено на Господарот на световите да Му се предадеме
73и небесата и Земјата со Вистината Тој ги создаде: штом Тој за нешто каже: „Биди!“ – тоа бидува; зборот Негов е Вистината; само Тој ќе ја има власта на Денот кога во Рогот ќе се дувне; Тој го познава невидливиот и видливиот свет, и Тој е Мудриот и Сезнајниот!“
77А кога ја здогледа Месечината како излегува, рече: „Ова е Господарот мој!“ А откако таа зајде, тој рече: „Ако Господарот мој не ме упати на Вистинскиот пат, сигурно ќе бидам еден од тие што заталкале.“
78А кога го здогледа Сонцето како се раѓа, тој извика: „Ова е Господарот мој, ова е поголемо!“ А откако тоа зајде, тој рече: „Народе мој, јас немам ништо со тоа што вие здруженик Му припишувате!
80И народот негов со него се расправаше. „Зарем со мене да се расправате за Аллах, а Тој мене ме упати?“ – рече тој. „Јас не се плашам од тие кои вие Нему Му ги здружувате, освен што се плашам дека мојот Господар ќе сака нешто. Господарот мој со Своето знаење опфаќа сè. Зошто не се вразумите?
81А како би се плашел јас од тие кои со Него ги изедначувате, кога вие не се плашите што вие на Аллах здруженици Му припишувате, иако Тој за тоа никаков доказ не ви дал? И знаете ли вие кои, ние или вие, ќе бидат сигурни?
83Тоа се доказите Наши кои му ги дадовме на Ибрахим за народот негов. Ние повисоки степени им даваме на тие на кои Ние сакаме. Господарот твој е, навистина, Мудар и сè знае.
84И Ние му ги подаривме и Исхак и Јакуб; и секого упативме – а Нух уште претходно го упативме – и од потомците негови Давуд, и Сулејман, и Ејуб, и Јусуф, и Муса, и Харун – ете, така Ние ги наградуваме тие што прават добри дела –
88Тоа е Аллаховото упатство на кое Тој им укажува на тие на кои сака од робовите Свои. А да Му припишуваа здруженик, сигурно ќе им пропаднеше тоа што го правеа.
89Тоа се тие на кои Ние Книги и мудрост и веровесништво им дадовме. Па ако потомците нивни не веруваат во тоа, Ние задолживме луѓе кои ќе веруваат во тоа.
91Тие не го познават Аллах како што треба, штом велат: „На ниту еден човек Аллах не му објавил ништо!“ Кажи: „А кој ја објавил Книгата која ја донел Муса како светлина и патоказ за луѓето, која на листови ја ставате и ја покажувате, а многу и криете, и земате поука за тоа што ниту вие ниту предците ваши не сте го знаеле?“ Кажи: „Аллах!“ Потоа остави ги нека се забавуваат со своите лаги.
92А оваа Книга, која ја објавуваме, е благословена, таа ја потврдува онаа пред неа, за да ја опоменуваш Мека и останатиот свет. А тие што веруваат во оној свет, веруваат во неа и за намазите (молитвите) свои водат грижа.
93Кој е понеправеден од тој кој за Аллах изнесува лаги или кој вели: „Ми се објавува“, а ништо не му се објавува, или кој вели: „И јас ќе кажам исто како што Аллах објавува“. А да ти се даде да ги видиш неверниците во смртните маки, кога мелеците ќе ги испружат рацете свои кон нив: „Извадете ги своите души! Отсега со неиздржлива казна ќе бидете казнувани затоа што за Аллах изнесувавте лаги и затоа што кон доказите Негови арогантно се однесувавте“.
94А ќе Ни дојдете поединечно, такви какви што првиот пат ве создадовме, напуштајќи ги добрата кои ви ги даривме. „Ние не ги гледаме со вас божествата ваши кои за здруженици Му ги припишувавте, прекинати се врските меѓу вас и ви ги нема тие кои за посредници ги држевте“.
97Тој ви ги создаде ѕвездите за во мракот да се ориентирате според нив, на копно и море. Ние детално им ги објаснуваме знаците Наши на луѓето кои знаат!
98Тој ве создаде од еден човек, а потоа ви ја даде Земјата за престојување и за во неа закопани да бидете. Ние детално им ги пружаме доказите на луѓето кои разбираат.
99Тој од небото спушта вода, па Ние потоа со нејзина помош правиме да никнат сите видови растенија и од него да израсне зеленило, а од него класје густо, и од палмите, од семките, гроздови лесни за берење, и градини со лоза засадени, особено маслинки и шипинки, слични и различни. Набљудувајте ги, затоа, плодовите нивни, кога ќе се појават и кога зреат. Тоа е, навистина, доказ за луѓето кои веруваат!
100Неверниците ги сметаат џините за рамни на Аллах, а Тој нив ги создал, и измислија, не мислејќи што зборуваат, дека Тој има синови и ќерки. Славен и чист е Тој и многу високо над тоа како што тие Го опишуваат!
104„Од Господарот ваш ви доаѓаат докази, па тој што гледа – тоа во своја корист го прави, а тој што е слеп – на своја штета е слеп, а јас не сум ваш чувар“.
108Не навредувајте ги тие на кои, покрај Аллах, им се молат, за и тие да не Го навредат Аллах, неправедно и не размислувајќи што зборуваат. Како и на овие, така на секој народ постапките нивни им ги претставувавме како убави. Тие, на крајот, на својот Господар ќе Му се вратат, па Тој ќе ги извести за тоа што го работеле.
109Тие се колнат во Аллах, со најтешката заклетва, дека ако им дојде чудо, сигурно поради тоа верници ќе станат. Кажи: „Сите чуда се само кај Аллах!“ А од каде знаете вие, можеби тие, кога тоа би им дошло, би станале верници?
110А Ние срцата нивни и очите нивни ги вртиме, па нема да веруваат како што не веруваа ни претходно, и ги оставивме да талкаат збунети во својата осиленост!
111Кога би им ги испратиле мелеците, и кога мртвите би им проговориле, и кога пред нив очигледно сите докази би ги собрале, тие пак не би верувале, освен ако би сакал Аллах, но мноштвото од нив не знае.
112Така на секој веровесник непријатели му одредувавме, шејтани во вид на луѓе и џини кои едни на други украсени разговори им зборуваа за да ги измамат; а да сакаше Господарот твој, тие тоа немаше да го сторат; затоа ти остави ги нив и тоа што го измислуваат;
114„Зошто покрај Аллах да барам друг судија, кога Тој ви ја објавува Книгата во детали?“ А тие на коишто Ние им ја дадовме Книгата, добро знаат дека Куранот го објавува Господарот твој, со Вистината, затоа ти никако не се сомневај!
116Кога ти би им се покорувал на мноштвото од жителите на Земјата, тие од Аллаховиот пат би те одвратиле; тие само по претпоставките се поведуваат и тие само невистината ја говорат.
119А зошто да не го јадете тоа при чие колење е спомнато Аллаховото име кога Тој ви го објасни тоа што ви го забрани – освен кога сте присилени; многумина, според желбите свои, немајќи за тоа никакво знаење, ги заведуваат другите во заблуда. А Господарот твој добро ги знае тие што во злото секаква мерка преминуваат.
121Не јадете го тоа при чие колење не е спомнато Аллаховото име, тоа е навистина, грев! А шејтаните ги наведуваат штитениците свои да се расправаат со вас, па кога би им се покориле, и вие, сигурно, многубошци би станале.
122Зарем е ист тој што бил во мртвило, а кого Ние го оживеавме и му дадовме светло со помош на кое меѓу луѓето се движи, со тој што е во темнината од која не излегува? А на неверниците им се чини убаво тоа што го прават.
123И исто така Ние сторивме во секој град првенците да станат грешници и во него замки да поставуваат, но тие само себеси замки си поставуваат, а да не забележуваат.
124А кога ним им доаѓа доказ, тие велат: „Ние нема да веруваме сè додека и нам не ни се даде нешто слично на тоа што им е дадено на Аллаховите Пратеници“. А Аллах најдобро знае кому ќе му го довери пратеништвото Свое. Тие што грешат сигурно ќе ги стигне понижување и страдање големо од Аллах, затоа што прават интриги.
125Тој што Аллах сака да го упати, Тој срцето негово кон исламот му го расположува, а тој што сака да го заблуди, Тој срцето негово го стегнува и уморно го прави, како кога прави напор на небото да се искачи. Ете, така Аллах прави шејтанот да ги надвладее тие што не веруваат.
128А на Денот кога Тој сите ќе ги собере: „О, групо шејтани, вие многу луѓе заведовте!“ „Господару наш,“ – ќе речат луѓето, штитеници нивни – „ние меѓусебно си бевме од корист и стигнавме до рокот наш кој Ти ни го одреди!“ „Огнот ќе биде престојувалиштето ваше,“ – ќе рече Тој – „во него вечно ќе останете, освен ако Аллах не одреди поинаку“. Господарот твој е навистина Мудар и Сезнаен!
130„О, групо од џини и луѓе, зарем не ви доаѓаа Пратеници од редовите ваши кои ајетите Мои ви ги кажуваа и ве опоменуваа дека овој ваш ден ќе го дочекате?“ Нив животот на Земјата ги беше измамил и тие сами против себе ќе посведочат дека биле неверници.
133Господарот твој е Независен и Милостив. Ако сака, ќе ве тргне, по вас, тие кои Тој сака ќе ги донесе, како што ве создаде вас од потомствата на другите народи.
136Тие одредуваат за Аллах дел од реколтата и дел од добитокот, кој Тој го создал, па велат: „Ова е за Аллах,“ – тврдат тие – „а ова за божествата наши!“ Меѓутоа, тоа што е наменето на божествата нивни не доспева до Аллах, додека тоа што е одредено за Аллах доспева до божествата нивни. Како лошо судат тие!
137На голем број многубошци, така исто, шејтаните нивни, убивањето на сопствените деца им го разубавија, за да ги упропастат и во верата нивна да ги збунат. А да сакаше Аллах, тие тоа немаше да го прават. Затоа остави ги и нив и нивните измислици!
138Тие велат: „Овој и овој добиток и тие и тие земски плодови се забранети, смеат да ги јадат само тие на кои ние ќе им дозволиме,“ – тврдат тие – „а овие и овие камили е забрането да се јаваат“. А тие што кои при колење на добиток не го спомнуваат Аллаховото име, измислувајќи лаги за Него, Тој сигурно ќе ги казни поради тоа што го измислуваат.
139Тие велат: „Тоа што е во утробите на овој и овој добиток дозволено им е само на нашите мажи, а забрането им е на нашите жени. А ако плодот се изјалови, тогаш во тоа се соучесници“. Аллах ќе ги казни за невистините нивни кои ги говорат, Тој е Мудриот и Сезнајниот!
140Тие што од лекоумност и не знаејќи што прават, децата свои ги убиваат и кои тоа што Аллах им го подарил го сметаат за забрането, говорејќи невистини за Аллах, сигурно ќе настрадаат. Тие заталкале и не знаат што прават.
141Тој ги создава градините, заградени и незаградени, и палмите и посевите со различни вкусови, и маслинките и шипинките, слични и различни; јадете ги плодовите нивни кога ќе дадат плод, и дадете го на денот на жетвата и на бербата тоа на што другите имаат право, и не трошете неумерено, бидејќи Тој не ги сака неумерените!
142И добитокот кој се товари и се коле, јадете дел од тоа со што ве снабдува Аллах, а не следете ги шејтановите стапки, бидејќи тој ви е вистински непријател,
143и тоа осум вида: пар овци и пар кози. Кажи: „Дали Тој ги забрани мажјаците или женките или тоа што се наоѓа во утробите на женките? Кажете ми, и докажете, ако е вистина тоа што го велите“.
144И пар камили и пар говеда. Кажи: „Дали Тој ги забрани мажјаците и женките и тоа што се наоѓа во утробите на женките? Дали вие бевте присутни кога Аллах ви го пропиша тоа?“ Има ли тогаш понеправеден од тој што, без вистинско знаење, измислува лаги за Аллах со цел да ги доведе луѓето во заблуда? Аллах сигурно нема да им укаже на вистинскиот пат на луѓето кои се неправедни.
145Кажи: „Јас не гледам во ова што ми се објавува дека на некого му е забрането да јаде што било друго освен мрша, или крв која истекува, или свинско месо, тоа е навистина нечисто, или што како грев е заклано во нечие друго, а не во името на Аллах“. А на тој што ќе биде принуден, но не од желба, туку само колку гладот да го прекине, Господарот твој навистина ќе му прости и Милостив ќе биде.
146На eвреите сите животни кои имаат копита или канџи им ги забранивме, а од говедата и од ситниот добиток, нивниот лој, освен тој од грбот или од цревата, или тој што е помешан со коските. Со тоа поради насилството нивно ги казнивме; и Ние, навистина, ја зборуваме вистината.
148Многубошците ќе велат: „Да сакаше Аллах, ние немаше да Му припишуваме здруженици, а ниту предците наши, ниту ќе сторевме нешто забрането“. Така исто и тие пред нив негираа, сè додека Нашата казна не ја искусија. Кажи: „Имате ли некаков доказ да ни изнесете? Вие само според претпоставките се раководите и вие само невистината ја зборувате“.
150Кажи: „Доведете ги тие свои сведоци, тие што ќе посведочат дека Аллах тоа го забранил!“ Па ако тие посведочат, ти немој да им поверуваш и не води се по желбите на тие кои Нашите докази ги сметаат за лажни и кои во оној свет не веруваат и кои здруженици на Господарот свој Му припишуваат!
151Кажи: „Дојдете да ви кажам што ви пропишува Господарот ваш: ништо да не Му здружувате, на родителите добрина да им правите, децата свои, поради сиромаштија, да не ги убивате, – Ние и вас и нив ги храниме – не приближувајте им се на лошите дела, било јавни или тајни; не убивајте го тој кого Аллах забранил да се убие, освен кога тоа правдата го бара, – ете, Тој тоа ви го препорачува за да размислите –
152и до имотот на сирачето да не се доближувате, освен на најубав начин, сè додека не стане полнолетно, и правилно да мерите, – Ние никого преку неговите можности не го задолжуваме – и кога зборувате, зборувајте праведно, па дури и да се однесува и на роднините, и обврските кон Аллах да ги исполнувате!“ – ете, Тој тоа ви го наредува за да земете поука.
153И навистина, ова е Мојот Прав пат па следете го него, други патишта не следете, па да ве одвојат од Патот Негов; – ете, Тој тоа ви го наредува, за да бидете богобојазливи.
154Ние на Муса Книга му дадовме за да ја направиме потполна благодатта на тој што според неа ќе постапува и како објаснување на сè и упатство и милост, за тие да поверуваат дека пред Господарот свој ќе застанат.
157И да не кажете: „Нам да ни беше објавена Книгата, ќе се држевме на Вистинскиот пат подобро од нив“. Па ви се објавува, ете, од Господарот ваш јасен доказ и упатство и милост; и има ли тогаш понеправеден од тој што Аллаховите докази не ги признава и од нив одвраќа? А Ние со тешка мака ќе ги казниме тие што од доказите Наши одвраќаат, затоа што тоа постојано го прават!
158Зарем тие чекаат мелеци да им дојдат, или Господарот твој да им дојде, или некои предзнаци од Господарот твој? Тој ден кога некои предзнаци од Господарот твој ќе дојдат, на ниту еден човек нема да му биде од корист тоа што тогаш ќе верува, ако претходно не верувал или ако не сторил, како верник, некакво добро. Кажи: „Само вие чекајте, и ние, навистина, ќе чекаме!“
160Кој ќе стори добро дело, ќе биде десетократно награден, а кој ќе стори лошо дело, ќе биде само според заслугата казнет, и нема да им се стори неправда!
164Кажи: „Зарем за Господар да барам некој друг освен Аллах, кога Тој е Господар на сè?“ Што и да направи некој, за себе си прави, и секој грешник само својот товар ќе си го носи. На крајот кај Господарот свој ќе се вратите и Тој ќе ве извести за тоа за што не се согласувавте.
165Тој ве направи едни по други на Земјата да се сменувате и Тој според положбата едни над други ве издигнува за да ве искуша во тоа што ви го дава. Господарот твој навистина брзо казнува, но Тој и простува и Милостив е!